Нов Завет

Јуда 1:12-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

12. Тоа се оние што ги поганат вашите трпези на љубовта, јадејќи со вас без страв и напасувајќи се. Тие се безводни облаци што ветровите ги пренесуваат, есенски неродни дрвја, двапати исушени и искорнати;

13. свирепи морски бранови, што како пена ги испуштаат своите срамни дела; ѕвезди лажни, за кои се чува мракот на темнината засекогаш.

14. А за овие пророкуваше и Енох, седмиот од Адам, зборувајќи: „Ете, доаѓа Господ со илјадници Свои свети ангели,

15. за да изврши суд над сите и за да ги разобличи сите безбожници за сите нив­ни нечисти дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него без­божните грешници.“

16. Тие се незадоволни викачи, кои живеат според своите желби, а устата нивна произнесува горди зборови, и за корист стануваат умилкувачи.

17. Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос;

18. тие ви зборуваа дека во последно време ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите без­бож­нич­ки желби.

19. Тоа се луѓе што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат Дух.

20. А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух,

21. запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ Исус Христос, за вечен живот.

22. И така разликувајќи ги, едни милувајте,

23. а други со страв спасувајте, ис­трг­нувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, ис­по­га­нета од телото.

24. А на Оној, Кој може да ве запази да останете безгрешни и без порок, и да ве постави пред славата Своја во радост –

25. на Единиот премудар Бог, нашиот Спасител преку Исус Христос, нашиот Господ, слава и величие, сила и власт преку сите векови, сега и во сите времиња. Амин!

Прочитајте целосна глава Јуда 1