Нов Завет

Јован 6:38-55 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

38. зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме прати.

39. А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.

40. А оваа е волјата на Оној што Ме прати: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“

41. Негодуваа против Него Јудејците, зашто рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“,

42. и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“

43. Им одговори Исус и рече: „Не мрморете меѓу себе.

44. Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

45. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене.

46. Не дека некој Го видел Бога, освен Оној Кој е од Бога; Тој го видел Отецот.

47. Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има вечен живот.

48. Јас сум лебот на животот.

49. Татковците ваши јадеа мана во пустината и умреа;

50. а ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре.

51. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот.“

52. Јудејците пак почнаа да се препираат меѓу себе, велејќи: „Како може Овој да ни го даде телото Свое да го јадеме?“

53. А Исус им рече: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе.

54. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.

55. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие.

Прочитајте целосна глава Јован 6