Нов Завет

Јован 2:11-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Со ова направи Исус почеток на чудата во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.

12. Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, браќата Негови и учениците Негови; и таму остана неколку дена.

13. Се приближуваше Пасха јудејска и Исус се искачи во Ерусалим;

14. и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат.

15. И откако направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврте масите,

16. па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија!“

17. Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“

18. А Јудејците, пак, одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека го правиш тоа?“

19. Исус им одговори и рече: „Урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам.“

20. А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“

21. Но Тој говореше за храмот на Своето тело.

22. А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.

23. И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесните знаци Негови, што ги правеше, поверуваа во Неговото име.

24. Но Самиот Исус не им се доверуваше, бидејќи ги познаваше сите,

25. и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.

Прочитајте целосна глава Јован 2