32. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.
33. А кога дојдоа до Исус и го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;
34. но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.
35. И тој што виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие.
36. Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“
37. И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“
38. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но тајно, поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да го симне телото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.
39. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.
40. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.
41. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.
42. Таму Го положија Исус поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.