Нов Завет

Јован 19:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го предаде да го бијат.

2. Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,

3. и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите.

4. Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“

5. Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“

6. А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“

7. Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“

8. Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши.

9. И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор.

10. Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам!?“

11. Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“

12. Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на царот. Секој што се прави цар, противник му е на царот.“

13. Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литостротон, а по еврејски Гавата.

Прочитајте целосна глава Јован 19