Нов Завет

Јован 17:2-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. како што си Му дал власт над секое тело, та на сѐ што си му дал, да му даде вечен живот.

3. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос.

4. Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си ми го дал да го извршам.

5. И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе уште светот пред да настане.

6. Го објавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.

7. Сега разбраа дека сѐ што си Ми дал, е од Тебе;

8. зашто зборовите што си Ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина дека од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.

9. Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.

10. И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.

11. Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам кај Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.

12. Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.

13. А сега се враќам кај Тебе, и ова му го кажувам на светот за да ја имаат во себе Мојата полна радост.

14. Јас им го предадов Твоето слово, и светот ги замрази, зашто тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот.

15. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото.

16. Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот.

17. Посвети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина.

Прочитајте целосна глава Јован 17