Нов Завет

Јован 16:2-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Ќе ве истеруваат од синагогите. Но, ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба.

3. Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене.

4. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви рекол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.“

5. „А сега одам кај Оној Кој Ме испрати, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘

6. Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага.

7. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам.

8. А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд:

9. за грев – дека не веруваат во Мене;

10. за правда – оти Јас си одам кај Својот Отец, и веќе нема да Ме видите;

11. а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден.

12. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите.

13. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ве извести за она што доаѓа.

Прочитајте целосна глава Јован 16