Нов Завет

Јован 15:8-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

8. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу род и да бидете Мои ученици.

9. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов!

10. Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.

11. Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна.

12. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас.

13. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели.

14. Вие сте Ми пријатели ако го вршите она што ви заповедам Јас.

15. Веќе не ве нарекувам слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве нареков пријатели, бидејќи ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец.

16. Вие не Ме избравте Мене, туку Јас ве избрав вас и ве поставив да одите и род да принесете и родот ваш да остане, та, што и да посакате од Отецот во Мое име, да ви даде.

17. Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг.“

18. „Ако светот ве мрази, знајте дека мене светот уште пред вас Ме замрази.

19. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.

20. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат.

21. Но, сето ова ќе ви го прават заради Моето име, зашто не Го знаат Оној Кој Ме испрати.

Прочитајте целосна глава Јован 15