Нов Завет

Јован 14:2-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ‚Одам да ви приготвам место‘?

3. Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.

4. А каде одам Јас знаете и патот го знаете.“

5. Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?“

6. Исус му рече: „Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене.

7. Ако Ме бевте познавале, ќе го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.“

8. Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!“

9. Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘

10. Не веруваш ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; туку од Отецот, Кој е секогаш во Мене, Тој ги врши делата.

11. Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.

12. Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; зашто Јас си одам кај Својот Отец;

13. и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот.

Прочитајте целосна глава Јован 14