Нов Завет

Јован 12:37-50 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

37. Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38. за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“

39. Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели:

40. „Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“

41. Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.

42. Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата;

43. зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја.

44. А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил,

45. кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил.

46. Јас – Светлина – дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.

47. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, зашто не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.

48. Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.

49. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати. Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.

50. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“

Прочитајте целосна глава Јован 12