Нов Завет

Јаков 5:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Ајде сега вие, богати, плачете и ли­пајте за страшните маки што идат на вас.

2. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа.

3. Златото ваше и среброто ви за ‘рѓаа, и ‘рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните дни.

4. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот.

5. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање.

6. Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше.

7. Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен.

8. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи.

9. Не оплакувајте се, браќа, еден на друг, та да не бидете осудени: ете, Суди­јата стои пред вратата.

10. Браќа, како пример на страдања и долготрпенија земете ги пророците што зборуваа во името Господово.

11. Ете, блажени се оние што истрајаа. Сте чуле за трпението на Јов и узнавте каков крај му даде Господ, затоа што Господ е многумилостив и се смилува на него.

12. А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту пак со некоја друга заклетва. И зборот нека ви биде да – да и не – не, за да не паднете под суд!

13. А ако некој од вас страда, нека Му се моли на Бога; весел ли е, нека Го фали Господа!

Прочитајте целосна глава Јаков 5