14. зашто е познато дека Господ наш произлезе од Јуда, а за свештенството од ова колено Мојсеј ништо не рекол.
15. И уште појасно станува тоа кога се воздига слично на Мелхиседек друг свештеник,
16. Кој станал таков не по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот.
17. Зашто се посведочи: „Ти си вечен свештеник по чинот на Мелхиседек.“
18. А, пак, одменувањето на поранешната заповед се изврши поради тоа што таа беше слаба и бесполезна,
19. зашто Законот ништо не доведува до совршенство; а се воведе подобра надеж, преку која се приближуваме до Бога.
20. Тоа беше потврдено со заклетва.
21. Зашто оние беа станале свештеници без заклетва, а Тој – со заклетва, преку Оној Кој Му рече: „Се заколна Господ и нема да се раскае: ,Ти си вечен свештеник по чинот Мелхиседеков.‘“
22. Затоа Исус стана залог на толку подобар завет.
23. А тие беа многу свештеници, зашто смртта не им даваше да остане само еден;
24. а Тој, бидејќи живее вечно, има свештенство што нема да мине на друг.
25. Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив.
26. Таков Првосвештеник и ни требаше: свет, непорочен, неосквернет, одвоен од грешниците и возвишен над небесата.
27. Кој нема потреба, како и другите првосвештеници, секојдневно да принесува жртва прво за гревовите свои, а потоа и за оние на народот, бидејќи Тој го изврши тоа еднаш засекогаш, откако Сам Себе се принесе како жртва.
28. Зашто Законот за првосвештеници поставува луѓе што се немоќни; а словото на клетвата што е по Законот – Синот, Кој е вечно совршен.