Нов Завет

Ефесјаните 6:11-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

11. Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лу­кавство;

12. зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните упра­вители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата.

13. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите.

14. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во окло­пот на праведноста,

15. и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир.

16. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот;

17. земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо!

18. Со секаква молитва и молба во се­која пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрај­ност и молитва за сите светии,

19. и за мене, та, кога ќе ја отворам ус­тата да ми се даде слободно да ја со­општувам тајната на Евангелието,

20. поради кое сум пратеник во окови, за да го проповедам смело, како што ми прилега.

21. А за да знаете и вие, како сум и што работам, за сѐ ќе ве извести Тихик, воз­љубениот брат и верен служител во Господ.

Прочитајте целосна глава Ефесјаните 6