44. Нашите татковци имаа во пустината скинија на собранието, како што беше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел.
45. Неа татковците наши ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа се случуваше сѐ до времето на Давид,
46. кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бог Јаковов.
47. А Соломон Му изгради дом,
48. но Севишниот не живее во ракотворени храмови, како што вели пророкот;
49. ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка?
50. Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘
51. Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие.
52. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,
53. вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.“
54. Кога го слушаа ова, срцата им се исполнија со гнев и со забите крцкаа против него.
55. А Стефан, исполнет со Дух Свети, кога погледна кон небото, ја виде славата Божја и Исус како стои од десната страна на Бога,
56. и рече: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки како стои од десната страна на Бога.“
57. Но тие извикаа со висок глас, ги затворија ушите свои и еднодушно се нафрлија на него.
58. И откако го изведоа надвор од градот, почнаа на него да фрлаат камења: а сведоците ги оставија алиштата свои пред нозете на едно момче, по име Савле.