39. и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се свртеа кон Египет,
40. велејќи му на Арон: ‚Направи ни богови што ќе одат пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј кој нѐ изведе од египетската земја.‘
41. И во оние дни направија лик на теле, и му принесоа жртви на идолот и се веселеа пред делото на своите раце.
42. А Бог се одврати од нив и ги остави да му служат на воинството небесно, како што е напишано во Книгата на пророците: ‚Доме Израилев, Ми принесовте ли вие заклани животни и жртви во текот на четириесетте години во пустината?
43. Вие го прифативте шаторот на Молох и ѕвездата на вашиот бог Ремфан, идоли што ги направивте вие за да им се поклонувате: и Јас ќе ве преселам потаму од Вавилон.‘
44. Нашите татковци имаа во пустината скинија на собранието, како што беше заповедал Оној Кој му зборуваше на Мојсеј да ја направи според образецот што го беше видел.
45. Неа татковците наши ја примија и со Исус Навин ја внесоа во земјата на незнабошците, што Бог ги отфрлаше од лицето на татковците наши; а тоа се случуваше сѐ до времето на Давид,
46. кој најде милост пред Бога, посака да Му најде живеалиште на Бог Јаковов.
47. А Соломон Му изгради дом,
48. но Севишниот не живее во ракотворени храмови, како што вели пророкот;
49. ‚Небото е Мојот престол, а земјата подножје на нозете Мои. Каков дом ќе ми направите, вели Господ, или кое место е за Мојата почивка?
50. Не го направи ли сето ова Мојата рака?‘
51. Тврдоглави и необрезани по срцето и ушите! Вие секогаш Му се противевте на Светиот Дух – како татковците ваши, така и вие.
52. Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? Тие ги убија оние што го предвестија доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци станавте сега и вие,
53. вие, што го примивте Законот преку ангелите, а не го одржавте.“