21. А кога беше оставен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.
22. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.
23. А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.
24. И кога виде дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за измачуваниот, го уби Египќанецот.
25. Тој мислеше дека браќата негови ќе согледаат дека Бог преку неговата рака ќе им даде спасение, но тие не сфатија.
26. А на другиот ден, кога некои од нив се тепаа, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: ‚Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате меѓу себе?‘
27. Но оној што го навредуваше својот ближен, го одби од себе и му рече: ‚Кој те поставил да бидеш началник и судија над нас?
28. Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египќанецот?‘
29. Од тие зборови Мојсеј побегна и се насели како туѓинец во земјата мидјанска, каде што му се родија два сина.
30. И кога поминаа четириесет години, му се јави ангел Господов во пустината на Синајската Гора, во огнен пламен во една капина.
31. Мојсеј штом виде, се зачуди од тоа видение; и кога се приближи да погледа внимателно, пристигна до него гласот Господов:
32. ‚Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.‘ Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.
33. А Господ му рече: ‚Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!
34. Јас ги видов добро маките на Мојот народ што е во Египет и го слушнав неговото воздивнување; па слегов да го избавам; а сега пријди да те пратам во Египет!‘
35. Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: ‚Кој те поставил за началник и судија‘, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.