Нов Завет

Дела 3:2-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

2. Таму имаше еден човек, сакат уште од раѓање. Него го носеа секој ден и го поставуваа пред портата на храмот на­речена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во храмот.

3. Тој, кога ги здогледа Петар и Јован кои сакаа да влезат во храмот, запроси милостина и од нив.

4. А Петар, заедно со Јован, го впери кон него погледот и му рече: „Погледни во нас!“

5. И тој ги гледаше внимателно, очекувајќи да добие нешто од нив.

6. Но Петар рече: „Сребро и злато јас немам, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос од Назарет ста­ни и оди!“

7. И само што го фати за десната рака, го исправи, а нему веднаш му се зацврс­наа стапалата и глуждовите;

8. па скокна, се исправи и почна да оди. Тогаш влезе во храмот заедно со нив скокајќи и фалејќи Го Бога.

9. И сиот народ го гледаше како оди и како Го слави Бога.

10. Луѓето го познаа дека тој беше оној истиот што седеше пред портата на храмот наречена Красна, поради ми­лос­тина; и беа полни со восхит и вчудоне­ви­деност за она што се случи.

11. И бидејќи оздравениот сакат човек цврсто се држеше за Петар и Јован, кон нив дотрча вчудовиден сиот народ во тремот, наречен Соломонов.

12. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израилци, што се чу­дите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да прооди?

13. Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави својот Син Исус, Кого вие Го пре­да­дов­те и од Кого се одрековте пред лицето на Пилат, кога тој реши да Го пушти.

14. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и побаравте да ви се ослободи човек убиец,

15. а Го убивте Зачетникот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите; за тоа сме ние сведоци.

16. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и овој човек пред сите вас.

Прочитајте целосна глава Дела 3