17. По три дни Павле ги повика првенците јудејски и кога се собраа, тој им зборуваше: „Мажи браќа, иако не направив ништо против народот или татковските обичаи, од Ерусалим ме предадоа окован во рацете на Римјаните.
18. И, откако ме судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина што заслужува смрт;
19. но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред царот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ.
20. Поради тоа и ве повикав да се видиме и да позборуваме; зашто заради надежта на Израил сум окован во овие ланци.“
21. А тие му одговорија: „Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ниту, некој од браќата дошол да нѐ извести или нешто лошо да каже за тебе.
22. Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи.“
23. И откако му определија ден, големо мноштво дојде во неговото определено живеалиште, и тој од утрото до вечерта со докази им го изложуваше учењето за царството Божјо и ги уверуваше за Исус и од Законот Мојсеев и од Пророците.
24. Едни се убедија од зборовите негови, а други не поверуваа.
25. Бидејќи беа несложни меѓу себе, тие почнаа да се разотидуваат; и во тоа време Павле им ги кажа овие зборови: „Добро им рекол Духот Свети на татковците ваши преку пророкот Исаија, велејќи:
26. ‚Оди и кажи му на овој народ: со уши ќе чуете, и нема да разберете, со очи ќе гледате, и нема да видите,
27. зашто срцето на овие луѓе закоравело, та со ушите мачно слушаат, а очите свои ги затвориле, па некако со очите да не видат и со ушите да не чујат, и со срцето да не разберат, и да не се обратат, за да ги исцелам.‘
28. И така, нека ви биде познато дека спасението од Бога им е испратено на незнабошците, тие и ќе чујат.“
29. Кога го рече тоа, Јудејците се разотидоа со голема препирка меѓу себе.
30. Павле остана таму цели две години во посебно најмена куќа и ги примаше сите, што доаѓаа кај него,
31. проповедајќи го царството Божјо и учејќи за Господа Исуса Христа наполно слободно, и никој во тоа не го спречуваше.