Нов Завет

Дела 28:13-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

13. Оттаму отпловивме и пристигнавме во Ригија; а по еден ден дувна југот и на идниот ден стасавме во Потиоли;

14. таму најдовме браќа, по чија молба кај нив останавме седум дена. И потоа тргнавме за Рим.

15. Тамошните браќа, штом чуја за нас, излегоа да нѐ пресретнат до Апиевиот плоштад и до Трите крчми. Кога ги ви­де Павле, Му заблагодари на Бога и се ободри.

16. Штом стигнавме во Рим стотникот му ги предаде затворениците на војводата, на Павле му беше допуштено да живее одделно, но под стража на еден војник.

17. По три дни Павле ги повика пр­вен­ците јудејски и кога се собраа, тој им зборуваше: „Мажи браќа, иако не нап­равив ништо против народот или тат­ковските обичаи, од Ерусалим ме пре­дадоа окован во рацете на Римјаните.

18. И, откако ме судеа, сакаа да ме пуштат, зашто во мене не најдоа никаква вина што заслужува смрт;

19. но, бидејќи Јудејците се противеа, бев принуден да барам суд пред царот; но не за тоа да го обвинувам во нешто својот народ.

20. Поради тоа и ве повикав да се ви­ди­ме и да позборуваме; зашто заради на­дежта на Израил сум окован во овие ланци.“

21. А тие му одговорија: „Ние ниту писма сме добиле за тебе од Јудеја, ни­ту, некој од браќата дошол да нѐ извес­ти или нешто лошо да каже за тебе.

22. Но ние сакаме да чуеме од тебе лично што мислиш ти за тоа; зашто познато ни е дека на тоа учење насекаде се противречи.“

23. И откако му определија ден, големо мноштво дојде во неговото определено живеалиште, и тој од утрото до вечерта со докази им го изложуваше учењето за царството Божјо и ги уверуваше за Исус и од Законот Мојсеев и од Проро­ците.

24. Едни се убедија од зборовите не­гови, а други не поверуваа.

Прочитајте целосна глава Дела 28