6. а сега стојам пред суд поради надежта во ветувањето дадено од Бога на татковците наши,
7. кое нашите дванаесет колена се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи Му на Бога постојано дење и ноќе. За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците.
8. Што? Зарем вие мислите дека не може да се верува дека Бог воскреснува мртви?
9. Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исус од Назарет;
10. така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од првосвештениците, многу светии затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував,
11. и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исус и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови.
12. За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците,
13. среде бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене.
14. Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодил.‘
15. А јас реков: ‚Кој си ти, Господи?‘ Тој одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти.
16. Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам,
17. издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, кај кои ќе те испратам сега,
18. за да им ги отвориш очите нивни, та да се обратат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘
19. Затоа, царе Агрипа, јас не се противев на небесното видение,
20. но најнапред на жителите во Дамаск и Ерусалим, а потоа по целата Јудејска земја и на незнабошците им проповедав да се покаат и да се обратат кон Бога, правејќи дела достојни за покајание.
21. Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.
22. Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она што беа го зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи:
23. дека Христос мора да пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина.“