Нов Завет

Дела 26:15-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

15. А јас реков: ‚Кој си ти, Господи?‘ Тој одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти.

16. Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам,

17. издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, кај кои ќе те испратам сега,

18. за да им ги отвориш очите нивни, та да се обратат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘

19. Затоа, царе Агрипа, јас не се противев на небесното видение,

20. но најнапред на жителите во Да­маск и Ерусалим, а потоа по целата Ју­дејска земја и на незнабошците им про­поведав да се покаат и да се обратат кон Бога, правејќи дела достојни за покаја­ние.

21. Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.

22. Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она што беа го зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи:

23. дека Христос мора да пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им про­поведа светлина.“

24. А додека го зборуваше ова во одбрана, Фест извика со висок глас: „Си полудел ли, Павле! Многубројните кни­ги те довеле до лудило!“

25. А тој одговори: „Не сум луд, по­чи­туван Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум.

26. Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто му е непознато, заш­то тоа не е вршено во некој агол.“

27. „Веруваш ли, царе Агрипа, во Про­роците? Знам дека веруваш.“

28. Агрипа му одговори на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да ста­нам христијанин!“

29. А Павле рече: „Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да ста­нете такви, каков што сум и јас, но без овие окови.“

Прочитајте целосна глава Дела 26