2. А првосвештеникот Ананија на оние, што стоеја пред него, им заповеда да го удрат по устата.
3. Тогаш Павле му рече: „Бог тебе ќе те удри, ѕиду варосан! Ти седиш, за да ме осудиш според Законот, а заповедаш да ме бијат против Законот!“
4. А оние што стоеја пред него, рекоа: „Божјиот првосвештеник ли го навредуваш?“
5. Павле одговори: „Не знаев, браќа, дека тој е првосвештеник; бидејќи е напишано: ‚Началникот на твојот народ да не го злословуваш.‘“
6. А кога дозна Павле дека еден дел од нив се садукеи, а другиот – фарисеи, извика во Синедрионот: „Луѓе браќа! Јас сум фарисеј, син на фарисеј; за надеж во воскресение на мртвите ми се суди!“
7. Кога го кажа тоа, настана расправија меѓу фарисеите и садукеите, и мнозина од народот се раздвоија.
8. Зашто садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваат и едното и другото.
9. Настана голема врева; и станаа книжниците од фарисејската страна и почнаа да се препираат, велејќи: „Ништо лошо не наоѓаме во овој човек; ако, пак, нему му зборувал дух или ангел, тогаш да не Му се противиме на Бога.“
10. И бидејќи настана голема мешаница, заповедникот, уплашен да не го растргнат Павле, им заповеда на војниците да слезат и да го грабнат од нив и да го одведат во тврдината.
11. Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“
12. А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле.
13. Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва.
14. Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кладовме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле.
15. Затоа вие од Синедрионот соопштете му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате поточно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“
16. Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле.
17. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“
18. И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го доведам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“