14. И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле.
15. А кога беше крстена таа и нејзините домашни, нѐ замоли и рече: „Ако сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете во мојата куќа и престојувајте во неа!“ И нѐ принуди.
16. Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето.
17. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“
18. Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во името на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час.
19. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното богатење, ги фатија Павле и Сила, и ги довлечкаа на плоштадот кај началниците.
20. И кога ги приведоа пред управниците, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град
21. и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“
22. Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа алиштата, започнаа да ги тепаат со стапови;
23. и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стражар му наредија да ги чува добро.
24. А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада.
25. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа.
26. Одеднаш настана голем потрес, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.
27. А стражарот на затворот, кога дојде при свест и ги виде вратите на затворот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затворениците избегале.