Нов Завет

Дела 12:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. Во тоа време цар Ирод стави ра­ка на некои од Црквата, и почна да ги измачува.

2. Со меч го уби Јакова, братот Јо­ва­нов.

3. А кога виде дека тоа им се допаѓа на Јудејците, го фати и Петар. Тоа беше за време на Бесквасници.

4. Него, кога го фати, го фрли в затвор предавајќи го на четири групи по чети­ри војници да го пазат. Неговата намера беше веднаш по Пасхата да го изведе пред народот.

5. И така, додека Петар го пазеа во затворот, Црквата непрестано Му се молеше на Бога за него.

6. Ноќта, спроти денот кога Ирод са­каше да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во два пара лан­ци, а стражарите пред портата го чуваа затворот.

7. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петар по ребрата и го раз­буди, па му рече: „Стани брзо!“ И око­вите му паднаа од рацете негови.

8. Тогаш ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги чевлите!“ Така и на­пра­ви. И пак му рече: „Облечи ги алиш­та­та свои и врви по мене!“

9. И излезе и тргна по него, а не зна­еше дека тоа, што го направи ангелот, е вистина, туку си мислеше дека гледа привид.

10. Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама. Тие излегоа и преминаа преку ед­на улица, и во тој час ангелот го снема.

11. Тогаш Петар, откако дојде на себе, си рече: „Сега знам дека навистина Господ го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сѐ, што очекуваше јудејскиот народ.“

12. Сфаќајќи го тоа, тој дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани многумина на молитва.

13. А кога Петар затропа на портата, слугинката по име Рода пријде да нас­лушне.

14. И, штом го позна гласот на Петар, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрча и јави дека Петар стои пред портата.

Прочитајте целосна глава Дела 12