Нов Завет

1 Петар 3:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

1. А така и вие, жените, бидете им по­корни на своите мажи, та, ако не­кои од нив не му се покоруваат на сло­вото, преку поведението на своите жени да се придобијат без приговор,

2. кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот.

3. Вашата убавина да биде не надво­решна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки,

4. туку – внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.

5. Зашто така некогаш се украсуваа и светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на мажите свои,

6. како што Сара го слушаше Авраам, нарекувајќи го господар. Вие сте нејзини чеда; ако правите добро, не плашете се од ништо.

7. Така и вие, мажите, живејте со своите жени во разбирање и почитувај­те ги како послабо суштество и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молит­ви­те ваши.

8. А најпосле, бидете сите еднодушни, сочувствителни, братољубиви, милосрдни, дружељубиви, понизни;

9. не враќајте зло за зло или навреда за навреда, туку, напротив: благословувај­те, знаејќи дека за тоа сте повикани за да наследите благослов.

10. „Зашто, кој го сака животот и сака да види добри денови, нека го пази ја­зи­кот свој од зло, и усните негови да не зборуваат лаги.

11. Нека одбегнува зло и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него –

12. бидејќи очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови – кон нивните молитви, а лицето Господово е против оние кои прават зло за да ги истреби од земјата.“

13. И кој ќе ви направи зло, ако правите добро?

14. Но, ако и страдате за правда, блажени сте; не плашете се од она од што тие се плашат и не бојте се;

15. туку Господ Бог почитувајте Го во срцата свои; а бидете секогаш подготвени со кротост и страхопочит за од­говор на секого кој од вас ќе побара сметка за вашата надеж.

Прочитајте целосна глава 1 Петар 3