1. Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето,
2. и сите во Мојсеј се крстија во облакот и во морето;
3. и сите јадеа иста духовна храна;
4. и сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Христос.
5. Но повеќето од нив не беа по волјата Божја, затоа загинаа во пустината.
6. А тоа беа примери за нас, за да не бидеме похотливи по злото, како што тие беа похотливи.
7. Не бидете ниту идолослужители, како некои од нив, за кои е напишано: „Народот седна да јаде и да пие, па стана да игра.“
8. И да не блудничиме, како некои од нив што блудничеа, и во еден ден загинаа дваесет и три илјади.
9. И да не Го искушуваме Христос, како што некои од нив Го искушуваа, и загинаа од змии.
10. Не мрморете, како што некои од нив замрмореа, па загинаа од Истребителот.
11. Сето тоа ним им се случуваше да служат како пример, а беше запишано нам за опомена, до кои стигна крајот на вековите.
12. Затоа, кој мисли дека стои, нека гледа да не падне.
13. Друго искушение вас не ве зафати, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да издржите.
14. Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите.
15. Ви зборувам како на разумни: расудете сами за ова што ви го кажувам,
16. Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли заедништво со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли заедништво со телото Христово?
17. Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб.
18. Гледајте го Израил според телото: оние што јадат од жртвите, не се ли причесници со жртвеникот?
19. А што да кажам? Дека идолските жртви се нешто, или дека идолот е нешто?
20. Не! Но она што го принесуваат незнабошците како жртва, го принесуваат на демони, а не на Бога; јас, пак, не сакам да бидете во заедништво со демоните.