поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Нов Завет

1 Јован 4 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (MK2006D)

Духот на вистината и духот на заблудата

1. Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот.

2. По ова распознавајте Го Божјиот Дух и духот на лагата. Секој дух што признава дека Исус Христос дошол во тело, од Бога е.

3. А секој дух, што не признава дека во тело дошол Исус Христос, не е од Бога; тоа е духот на Антихристот, за кого сте слушале дека доаѓа, па и сега е веќе во светот.

4. Вие сте, чеда, од Бога и нив сте ги победиле; зашто Оној, Кој е во вас, е по­голем од оној што е во светот.

5. Тие се од светот, затоа и световно зборуваат, а светот ги слуша.

6. Ние сме од Бога. Кој Го познава Бо­га, нѐ слуша нас; кој не е од Бога, нас не нѐ слуша. По тоа и го познаваме Духот на вистината и духот на заблудата.

Љубовта доаѓа од Бога и се вкоренува во верата

7. Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога, и секој, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога;

8. кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов.

9. Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Сво­јот Единороден Син за да живееме пре­ку Него.

10. Во тоа се состои љубовта, што не ние Го возљубивме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши.

11. Возљубени, кога така нѐ возљуби Бог, тогаш и ние сме должни да се љу­биме еден со друг.

12. Бога никој никогаш не Го видел. Ако се љубиме еден со друг, Бог пребива во нас и љубовта Негова е совршена во нас.

13. Дека ние пребиваме во Него и Тој во нас, знаеме по тоа што ни дал од Својот Дух.

14. И ние видовме и сведочиме дека Отецот Го испрати Синот како Спа­си­тел на светот.

15. Кој исповеда дека Исус е Син Бож­ји, во него пребива Бог, и тој – во Бога.

16. И ние ја познавме љубовта, која Бог ја има кон нас; и поверувавме во тоа дека е Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него.

17. Љубовта во нас се усовршува затоа за да имаме смелост на судниот ден; би­дејќи, како што е Тој, така сме и ние во овој свет.

18. Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта.

19. Ние Го љубиме, бидејќи Тој от­првин нѐ возљуби.

20. Ако некој рече: „Го љубам Бога“ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?

21. И таа заповед ја имаме од Него: кој Го љуби Бога, да го љуби и братот свој.