поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

Римјаните 7 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги христијани! Овие зборови им ги упатувам на поборниците на Мојсеевиот Закон. Не знаете ли дека кој и да е закон има моќ над луѓето само додека се живи?

2. На пример, омажената жена е со закон врзана за својот сопруг, додека е тој жив. Ако тој умре, таа е ослободена од законската обврска.

3. Кога таа би заживеала со друг маж, додека нејзиниот сопруг е се уште жив, таа би била сметана за прељубница. Но ако сопругот и умре, таа е ослободена од законската обврска, и ако се омажи за друг човек, нема да биде сметана за прељубница.

4. Така е и со вас, драги христијани. Вие не подлежите под старозаветниот Закон даден преку Мојсеј, затоа што Христовата смрт значеше и ваша смрт. Бидејќи Христос воскресна, вие сте сега сврзани со Него, а не со старозаветниот Закон. Тоа ви овозможува да бидете плодоносни и полезни за Бог.

5. Додека со нас владееше нашата стара природа, грешните страсти дејствуваа во нас. Законот ги побудуваше тие грешни страсти и како последица на тоа произлегуваа грешни дела што би не одвеле во смрт.

6. Сега сме ослободени од Законот, откако со Христос умревме за силата што не држеше заробени. Можеме да Му служиме на Бог не на стариот начин, со тоа што ќе му се покоруваме на словото на Законот, туку на нов начин, така што ќе Му се покоруваме на Духот.

7. Што значи тоа? Дали Божјиот Закон е лош? Се разбира, не! Зашто да не беше Законот, јас немаше да знам дека сум грешен. Ако Законот не кажуваше: „Не посакувај туѓо!“ немаше да знам дека е лошо да се посакува туѓото.

8. Од друга страна, гревот ја искористи можноста, па преку таа заповед во мене поттикна најразлични грешни желби. Значи, без Законот гревот не би бил делотворен!

9. И јас порано живеев без Законот. Но кога се соочив со заповедта, наеднаш, гревот оживе!

10. Сфатив дека сум осуден на смрт! Така заповедта, чија цел беше да ми даде живот, ми донесе смртна казна!

11. Гревот ја искористи можноста и преку таа заповед ме измами, ме прогласи виновен, осуден на смрт.

12. Законот си е свет. Таа заповед е света, праведна и добра.

13. Дали ова значи дека мојата смрт ја предизвика она што е во суштина добро, односно Божјиот Закон? Никако! Гревот е тој што ме уби, искористувајќи ја добрата заповед. Но истовремено, преку таа заповед, се покажа дека гревот е страшна и грозна работа.

14. Очигледно е дека Законот е духовен, добар, но јас сум човек од крв и месо, продаден како роб на гревот.

15. Сам себеси не можам да се разберам. Не го правам тоа што го сакам, туку она што го мразам.

16. Со самото тоа што ме гризе совеста кога правам грев, јас се согласувам со Божјиот Закон и потврдувам дека тој е добар,

17. но, не успевам да се противставам, бидејќи гревот е во мене и ме тера да грешам.

18. Свесен сум дека во мене, односно во моето тело, нема сили за ништо добро. Желба за добро има во мене, но не и сила да го извршам.

19. Не го правам тоа што е добро, како што би сакал, туку го правам она што не го сакам, она што е грешно.

20. Но штом не го сакам она што го правам, не сум веќе јас тој што го прави тоа, туку гревот што живее во мене.

21. Сфатив дека по правило вака испаѓа, кога сакам да постапам добро, ми се наметнува грешното и тоа го правам.

22. Длабоко во себе јас му се восхитувам на Божјиот Закон,

23. но во моето тело гледам еден друг закон, кој војува против Законот во мојот ум. Тој закон успева да ја добие битката и ме држи заробен од гревот, кој е тука, во моето тело.

24. Сфатив дека сум наполно беспомошен! Кој ќе ме избави од ова тело што ме води во смрт!?

25. Одговорот е: тоа ќе го стори Исус Христос, нашиот Господ. Неизмерно сум Му благодарен на Бог за тоа! Така, од една страна, со својот ум сакам да живеам според Божјиот Закон, а од друга страна, со мојата грешна природа, му робувам на законот на гревот.