поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Maтеј 8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Кога Исус слезе од ридот, голема толпа народ одеше по Него.

2. Тогаш, еден човек заболен од лепра Му се приближи, клекна на колена и рече: „Господе, ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“

3. Исус ја испружи својата рака, го допре и му рече: „Сакам, оздрави!“ Во истиот миг, човекот беше излекуван од лепрата.

4. Тогаш, Исус му рече: „Не кажувај никому, туку оди веднаш на преглед кај свештеникот, а потоа принеси дар како што е пропишано според Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“

5. Кога Исус влезе во градот Кафарнаум, го пресретна еден римски офицер и почна да го моли,

6. со следниве зборови: „Господе, мојот слуга лежи дома парализиран и со силни болки.“

7. Исус му одговори: „Ќе дојдам и ќе го излекувам.“

8. Но офицерот Му рече: „Господе, јас не сум достоен Ти да влезеш во мојот дом! Туку, кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави.

9. Зашто, и самиот имам свои претпоставени, а имам и власт да им заповедам на војниците; на еден ќе му речам ,Оди!‘ и тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘ и тој доаѓа. И на мојот слуга ќе му речам: ,Направи го тоа!‘ и тој го извршува.“

10. Кога го чу ова, Исус се одушеви и им рече на оние што одеа по Него: „Навистина, кај никого во Израел не видов олку голема вера!

11. И ви велам: мнозина ќе дојдат и од исток и од запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, со Исак и со Јаков во небесното царство!

12. А многу од Израелците, кои би требало да се наследници на тоа царство, ќе бидат исфрлени во најцрна темнина, каде што ќе пискаат и ќе крцкаат со заби.“

13. Потоа, Исус му се обрати на римскиот офицер: „Оди си и нека ти биде според твојата вера!“ Во истиот миг оздраве слугата на офицерот.

14. Потоа Исус отиде во куќата на Својот ученик Петар и таму ја најде тештата на Петар која лежеше болна, со треска.

15. Тој ђ ја допре раката и треската ђ помина; таа веднаш стана и Го послужи.

16. Вечерта, кај Исус доведуваа голем број луѓе обземени со демонски духови, а Тој само со збор ги истеруваше демоните и ги исцелуваше сите болни.

17. Со тоа се исполнуваше претскажаното од пророкот Исаија: „Тој ни исцели од нашите болки и ни оздраве од нашите болести“

18. Забележувајќи голем број луѓе околу Себе, Исус им заповеда на Своите ученици да отпловат од спротивната страна на езерото.

19. Тогаш еден вероучител дојде кај Него и му рече: „Учителе, готов сум да Те следам насекаде!“

20. А Исус му одговори: „Лисиците си имаат дувла, птиците гнезда, но Јас, Синот Човечки, немам Свое место за почивање!“

21. Еден од Неговите ученици Му рече: „Господе, дозволи ми најпрво да одам и да го погребам татко ми.“

22. Но Исус Му одговори: „Ти остани со Мене, а погребувањето на мртвите препушти им го на оние кои се духовно мртви.“

23. Потоа Исус се качи на бротчето, а Му се придружија и Неговите ученици на пловидба кон другиот брег.

24. Одеднаш, езерото го зафати силна бура и бротчето беше во опасност да потоне под удар на моќните бранови. А Исус беше заспал.

25. Учениците дојдоа да Го разбудат, викајќи: „Господе, спасувај, гинеме!“

26. А Тој им рече: „Што сте се исплашиле? Колку ви е мала верата!“ Потоа стана и им заповеда на ветрот и на брановите да запрат; и настапи длабока тишина.

27. Учениците останаа вчудовидени и шепотеа: „Кој е овој човек, Кому и ветровите и брановите Му се покоруваат!?“

28. Исус пристигна во пределите на Гадара, од спротивната страна на езерото. Таму го пресретнаа двајца обземени со демонски духови, кои излегуваа откај гробните пештери; тие беа толку опасни, што никој не се осмелуваше да минува оттаму.

29. Одеднаш, тие започнаа да викаат по Исус: „Што бараш кај нас, Сине Божји? Зар Си дошол предвреме да ни казниш?“

30. Во близина пасеше едно големо крдо свињи,

31. и демоните почнаа да Го молат Исуса: „Ако ни бркаш, дозволи ни да влеземе во свињите.“

32. И Тој им дозволи, а тие, излегувајќи од обземените луѓе, влегоа во свињите. Наеднаш, целото крдо свињи јурна низ стрмнината право во езерото и се удави во водата.

33. А свињарите, бегајќи, отидоа во градот и им раскажаа на тамошните жители за си што се случи со обземените.

34. Тогаш целиот град се упати кон Исус, и штом Го видоа, Го молеа да си оди од нивниот крај.