поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Maтеј 3 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Во тоа време, во јудејската пустина започна да проповеда Јован Крстител. Неговата порака беше:

2. „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“

3. Тој е човекот што беше претскажан од пророкот Исаија со зборовите: „Глас одекнува низ пустината, кој вели: ,Пригответе пат за доаѓањето на Господ, исправете го патот за Него!‘“

4. Јован носеше облека исплетена од камилски влакна, а околу појасот носеше кожен ремен; се хранеше со скакулци и див мед.

5. Кај него доаѓаа луѓе од Ерусалим, од цела Јудеја и од сите предели по долината на реката Јордан.

6. Тие ги исповедаа своите гревови, а тој ги крштаваше во реката Јордан.

7. Но кога Јован виде дека кај него доаѓаат да се крстат и голем број фарисеи и садукеи, им рече: „Змиски рожби! Кој ве предупреди, та бегате од Божјиот гнев што доаѓа!?

8. Докажете на дело дека навистина сте се покајале!

9. Не залажувајте се со тоа што сте потомци на Авраам, зашто, ви велам, Бог може и од овие камења да направи Авраамови потомци!

10. Божјата секира е веќе замавната и в корен ќе го пресече и в оган ќе го фрли секое дрво што не раѓа добар плод.

11. Јас ве крштавам во вода, врз основа на вашето покајание, но Оној што иде по мене е многу поголем од мене и јас не сум достоен ни сандалите да Му ги одврзам; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган.

12. Тој има лопата в раце и ќе го исчисти Своето гумно: житото ќе го собере во житните складови, а плевелот ќе го гори во вечен оган.“

13. Во тоа време, од Галилеја дојде Исус да се крсти кај Јован, во реката Јордан.

14. А Јован го одвраќаше, велејќи Му: „Ти треба да ме крстиш мене, а не јас Тебе!“

15. Но Исус му рече: „Така треба да биде сега, зашто ние треба да исполнуваме си што е правилно.“ Тогаш Јован се согласи и Го крсти.

16. И тукушто се крсти Исус и излегуваше од водата, наеднаш небото се отвори и Јован го виде Божјиот Дух, во облик на гулаб, како слегува и се спушти над Исус.

17. Се чу и глас од небото, кој рече: „Ова е Мојот Син Мојот Љубимец, со Кого наполно Сум задоволен!“