Нов Завет

Марко 8:18-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

18. Имајќи си очи, не гледате, и имајќи си уши, не слушате!

19. Помните ли колку кошници ви останаа кога со пет леба нахранив пет илјади души?“ Тие Му одговорија: „Дванаесет!“

20. Исус продолжи: „А колку кошници ви останаа кога со седум леба нахранив четири илјади души?“ Тие Му одговорија: „Седум!“

21. „Сe уште не разбирате, нели?“ - им рече Исус.

22. Кога Исус и Неговите ученици отидоа во селото Бетцаида, некои луѓе Му донесоа еден слеп човек и Го молеа со допир да го излекува.

23. Исус го фати за рака и го изведе надвор од селото. Потоа со плунка му ги намачка очите и го праша дали нешто гледа.

24. Човекот го поткрена погледот и рече: „Гледам луѓе, но ги гледам нејасно како дрвја во движење.“

25. Со Своите раце Исус повторно му ги допре очите. Тогаш човекот наполно прогледа и сe гледаше јасно.

26. Исус му рече: „Сега можеш да си одиш дома, но не наминувај во селото да раскажуваш за ова!“

27. Исус и Неговите ученици заминаа по селата во околината на градот Цезареја Филипова. Додека патуваа, Исус ги запраша: „За кого Ме сметаат луѓето?“

28. Учениците одговорија: „Едни мислат дека си Јован Крстител или пророкот Илија; други мислат дека си некој од древните пророци.“

29. Тогаш Исус ги праша: „А за кого Ме сметате вие?“ Петар одговори: „Ти си Месијата!“

30. Исус им забрани да им кажуваат на луѓето за Него.

31. Оттогаш Исус почна да им кажува што сe ќе се случи со Него. Им кажа дека Него, Синот Човечки, Го очекуваат големи страдања, дека Тој ќе биде отфрлен од народните водачи, од свештеничките поглавари и од вероучителите, дека тие ќе Го убијат, но и дека по три дни Тој ќе воскресне.

32. За сето ова им говореше многу отворено. Тогаш Петар Го повлече Исуса настрана, укорувајќи Го дека така зборува.

33. Исус се сврте кон Своите ученици, а потоа со строг глас му рече на Петар: „Бегај од Мене, Сатано! Тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“

34. Тогаш Исус ги повика Своите ученици и народот поблиску до Себе и им рече: “Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки.

35. Зашто, секој што сака да си го запази животот само за себе - ќе го загуби; а ако Ми го посвети Мене и на Евангелието - ќе го зачува.

36. Каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!?

Прочитајте целосна глава Марко 8