Нов Завет

Марко 1:2-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Таа започна онака како што беше предвестено од Бог, во Книгата напишана од пророкот Исаија: “Ќе испратам Свој гласник, да ти го подготви патот.

3. Низ пустината ќе одекнува неговиот глас: ?Пригответе пат за доаѓањето на Господ! Исправете го патот за Него!‘“

4. Тој гласник беше Јован Крстител кој се појави во пустината и започна да проповеда крштавање како знак за обраќање кон Бог заради простување на гревовите.

5. Кај него почнаа да доаѓаат луѓе од цела Јудеја и од Ерусалим. Тие ги исповедаа своите гревови, а Јован ги крштаваше во реката Јордан.

6. Јован носеше облека исплетена од камилски влакна и беше препашан со кожен појас. Се хранеше со скакулци и див мед.

7. Тој им зборуваше на луѓето: „По мене доаѓа многу голем човек! Јас не сум достоен ни ремењата од Неговите сандали да Му ги одврзам!

8. Јас сега ве крштавам со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух.“

9. Во тоа време дојде Исус од Назарет во Галилеја и Јован Крстител Го крсти во реката Јордан.

10. Во моментот кога Исус излегуваше од водата, Јован виде како се отвори небото и Светиот Дух во облик на гулаб слезе врз Исус.

11. Се чу и глас од небото: „Ти си Мојот сакан Син; со Тебе Сум наполно задоволен!“

12. Веднаш по ова, Божјиот Дух Го одведе Исуса во пустината.

13. Таму Тој остана четириесет дена и Сатаната Го искушуваше. Исус живееше сред диви животни, но ангелите се грижеа за Него.

14. Подоцна, кога владетелот Ирод Антипа го затвори Јована Крстител, Исус отиде во Галилеја за да ја проповеда Божјата Радосна вест.

Прочитајте целосна глава Марко 1