Нов Завет

Колосјаните 4:7-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

7. Мојот драг пријател Тихик, кој верно работи со нас и Му служи на Господ, ќе ви раскаже се што ве интересира за мене.

8. Го праќам токму заради тоа, да ви каже како сме и да ве охрабри.

9. Со него ќе дојде и вашиот земјак Онисим, кој е наш верен и многу мил брат по вера. Тие ќе ви раскажат за се што се случува овде.

10. Ве поздравува Аристарх. И тој е в затвор со мене. Ве поздравува и Марко, братучедот на Барнаба. Ако дојде кај вас, прифатете го, како што веќе ви пишавме.

11. Ве поздравува и Исус, меѓу нас познат како Јуст. Овие тројца се единствените христијани од Евреите што работат со мене за Божјото царство. Тие се големо охрабрување за мене.

12. Ве поздравува и вашиот сограѓанин Епафрас, кој сега е во служба на Исус Христос. Тој ревносно се моли за вас, да бидете цврсти, да станете зрели христијани, уверени во целата Божја волја.

13. Јас лично сум сведок колку ревносно се залага тој за вас, како и за христијаните во Лаодикеја и во Хиераполис.

14. Ве поздравуваат нашиот драг лекар Лука и Димас.

15. Поздравете ги сите христијани во Лаодикеја, а посебно Нимфа и членовите на црквата што се собираат во нејзиниот дом.

16. Кога ќе го прочитате ова писмо кај вас, погрижете се да стигне и во Лаодикејската црква, за да го прочитаат и тие, а и вие треба да го прочитате писмото што им го упатив ним.

17. Потсетете го Архип внимателно да ја извршува работата што му ја довери Господ.

18. Сега своерачно ви пишувам: Поздрав од Павле! Не заборавајте дека сум в затвор. Бог нека ви биде благонаклонет.

Прочитајте целосна глава Колосјаните 4