Нов Завет

Колосјаните 1:5-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

5. Вашата вера и љубов се засновани врз надежта што ја имате за она што е подготвено за вас на небото. За тоа слушнавте од вистинитата порака - од Радосната вест.

6. Таа се проповеда по целиот свет и се шири со голем успех, давајќи плодови како и кај вас, од првиот ден кога ја слушнавте вистината и дознавте колку Бог ни е благонаклонет.

7. Радосната вест ја слушнавте од Епафрас, нашиот драг соработник, човек што верно Му служи на Христос и работи за вас.

8. Тој ни раскажа за вашата голема христијанска љубов што ви ја дал Светиот Дух.

9. Затоа, уште од првиот ден кога слушнавме, не престануваме да се молиме за вас и да бараме од Бог да ви ја открие Неговата волја за вашите животи. Се молиме да ве исполни со секаква мудрост и разбирање на духовните вистини.

10. Така ќе можете да живеете за Господ онака како што прилега и во секој поглед да Му бидете по волја. Секоја добра работа за која ќе се зафатите ќе носи плод и се подобро ќе Го запознавате Бог.

11. Се молиме да добивате сила од Божјата огромна и величествена моќ, за да можете со радост да истрпите и издржите се што ќе ве снајде

12. и да Му оддавате благодарност на небесниот Татко, Кој ви овозможи и вие, заедно со Божјиот свет народ, да добиете дел од наследството во Царството на светлината.

13. Тој не извлече од власта на царството на темнината и не пренесе во Царството на Неговиот сакан Син,

14. Кој ни ја откупи слободата и ни ги прости гревовите. Христос е над се

15. Христос е видлива слика на невидливиот Бог. Тој постоеше уште кога Бог ништо не беше создал.

16. Преку Христос Бог ги создаде сите нешта и на небото и на Земјата: тоа што се гледа и тоа што не се гледа, сите престоли и власти, сите владетели и властодршци, се беше создадено преку Него и за Него.

17. Тој постои пред се и ги одржува сите нешта.

Прочитајте целосна глава Колосјаните 1