Нов Завет

Јован 5:24-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

24. Ве уверувам дека секој што ја слуша Мојата порака и верува во Бога, Кој Ме испрати, има вечен живот и нема да биде осуден за своите гревови, зашто таквиот веќе преминал од смрт во живот.

25. Ве уверувам дека доаѓа време, и веќе е дојдено, кога мртвите ќе го слушнат Мојот глас - гласот на Божјиот Син. Оние што Му биле послушни - ќе живеат!

26. Зашто, како што Таткото е извор на живот, така Му даде и на Синот да биде извор на живот.

27. Тој Му даде на Синот и право да суди, затоа што Тој е Синот Човечки.

28. Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот кога сите покојници ќе го слушнат гласот на Божјиот Син

29. и ќе излезат од гробовите: оние што правеле добро - ќе воскреснат за да живеат вечно, а оние што вршеле зло - ќе воскреснат за да бидат осудени на вечна казна!

30. Јас не можам ништо да направам самоволно. Судам онака како што Ми кажува небесниот Татко, и Мојот суд е праведен, зашто не постапувам самоволно, туку според волјата на Бог, Кој Ме прати.

31. Ако Јас сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво нема да вреди.

32. Но постои Друг што сведочи за Мене и знам дека она што Тој го сведочи за Мене, вреди.

33. Вие самите испративте пратеници кај Јован Крстител и тој ви ја кажа вистината.

34. Јас немам потреба од човечко одобрување; а овие работи ви ги кажувам за вие да се спасите.

35. Јован беше светилка која гореше и светеше. И за тоа кратко време вие со задоволство и се радувавте на неговата светлина.

36. Јас, пак, имам сведоштво со поголема тежина од она на Јован. Делата што Мојот Татко Ми ги довери да ги извршам, и кои Јас ги извршувам, сведочат дека сум испратен од небесниот Татко.

37. И Таткото, Кој Ме прати, исто така сведочи за Мене, но вие никогаш не сте го послушале Неговиот глас ниту пак сте го виделе Неговиот лик.

38. А и Неговиот збор не се задржува во вас, затоа што не верувате во испратениот од Него.

39. Вие го проучувате Светото Писмо, зашто верувате дека во него ќе најдете вечен живот за себе - а токму таму се говори за Мене!

40. Па сепак, вие не сакате да дојдете кај Мене и да примите живот.

41. Јас не сакам слава од луѓето;

42. а вас ве познавам и знам дека во себе немате љубов спрема Бог.

Прочитајте целосна глава Јован 5