поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21

Нов Завет

Јован 2 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. По три дена мајка Му на Исус беше на една свадба во градот Кана, во покраината Галилеја.

2. На свадбата беа поканети и Исус со Неговите ученици.

3. Кога виното се потроши, мајка Му на Исус Му рече: „Им снема вино!“

4. „Зошто ме вовлекуваш во ова, жено?“ - и одговори Исус. „Моето време се уште не е дојдено!“

5. Тогаш мајка Му им рече на слугите: „Направете се што ќе ви каже!“

6. Таму имаше шест камени садови за вода, кои беа наменети за обредно миење, според еврејскиот обичај. Секој од нив собираше од 80до 120литри.

7. „Наполнете ги садовите со вода!“ - им рече Исус. Тие ги наполнија до врвот.

8. Потоа им рече: „Нацрпете сега и однесете му на шефот на послугата!“ Тие му однесоа.

9. Кога тој ја проба водата, што сега се беше претворила во вино, не знаејќи од каде е (само слугите кои нацрпија од водата знаеја), го повика младоженецот,

10. па му рече: „Секој човек го служи прво најдоброто вино, а кога ќе се заситат гостите, го служи полошото. Ти, пак, си го чувал најдоброто вино се до сега!“

11. Исус го направи ова во галилејското место Кана и тоа беше Неговото прво чудо, со кое Исус ја покажа Својата слава и Неговите ученици поверуваа во Него.

12. По ова, Исус, мајка Mу, Неговите браќа и Неговите ученици заминаа за Кафарнаум, каде што останаа неколку дни.

13. Наближуваше еврејскиот празник Пасха па Исус се искачи во Ерусалим.

14. Таму, пред храмот, Тој затекна продавачи на говеда, овци и гулаби, и менувачи на пари.

15. Откако си направи камшик од јаже, ги избрка сите надвор, заедно со овците и говедата, а на менувачите им ги истури парите и им ги испреврте масите.

16. На продавачите на гулаби им рече: „Изнесете ги одовде! Престанете да го претворате Домот на Мојот Татко во пазариште!“

17. Неговите ученици се сетија дека во Светото Писмо пишува: „Ревноста кон Божјиот Дом Ме изеде!“

18. По тој повод, еврејските верски водачи Му се обратија со прашањето: „Со каков чудотворен знак ќе ни докажеш дека имаш овластување да го правиш ова?“

19. Исус им одговори: „Разурнете го овој храм и Јас за три дена ќе го подигнам!“

20. Тогаш еврејските водачи Му рекоа: „Овој храм бил граден четириесет и шест години, а Ти би го подигнал за три дена!?“

21. Но, Тој им зборуваше за Своето тело како храм.

22. Затоа, кога воскресна од мртвите, Неговите ученици си спомнаа на тоа што го рече, па поверуваа во Светото Писмо и во зборовите на Исус.

23. Додека Исус беше во Ерусалим, за време на празникот Пасха, многумина поверуваа дека Тој е Месијата, гледајќи ги чудата што ги правеше.

24. Самиот Исус, пак, не им се доверуваше, затоа што Тој ги познаваше сите.

25. Немаше потреба некој да му кажува за луѓето, зашто Тој знаеше што се крие во нивните срца.