поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Нов Завет

Јаков 3 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги пријатели, не треба сите да настојуваме да станеме учители во Црквата. Всушност, ние, учителите, ќе бидеме судени построго од другите луѓе.

2. Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело.

3. На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме.

4. Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат.

5. Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали!

6. Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол.

7. Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот,

8. но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров.

9. Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие.

10. Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!?

11. Може ли од ист извор да извира и слатка и горчлива вода?

12. Може ли, драги мои, смоквата да раѓа маслинки, а лозата смокви? Од солен извор не може да се црпи слатка вода!

13. Има ли меѓу вас мудри и разумни луѓе? Ако има, покажете ја вашата мудрост и разумност со примерен живот, со постапки што ќе се одликуваат со скромност и ќе бидат направени мудро.

14. Но ако вашите срца се полни со чемерна завист и себичност, немојте да се фалите и да се лажете дека сте мудри.

15. Тоа не е небесна мудрост, туку овоземна, себична и демонска.

16. Кога луѓето се завидливи и себични, создаваат безредие и секакви зли дела.

17. Небесната мудрост не прави чисти, мирољубиви, внимателни, чувствителни, да ги сакаме луѓето и да им помагаме, да бидеме непристрасни и нелицемерни.

18. А миротворците ќе го сеат семето на мирот, и ќе жнеат плодови на праведност.