Нов Завет

Филипјаните 3:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. За крај, драги мои, радувајте се што Му припаѓате на Господ. Мене не ми е тешко одново да ви го напишам истото нешто што веќе порано сум ви го пишувал, бидејќи тоа ќе придонесе да се заштитите.

2. Чувајте се од тие зли луѓе, од тие кучиња што тврдат дека обрежувањето е неопходно! Тоа е лажна побожност!

3. Ние, а не тие, сме обрежани на вистинскиот начин, зашто преку (Светиот) Дух Му служиме на Бог и се гордееме со Исус Христос. Ние не ја полагаме својата вера во телесни вредности.

4. Јас, се разбира, би можел да се потпрам на телесните вредности. Ако некој мисли дека може да се потпира на телесни вредности, нека знае дека јас имам многу повеќе причини така да мислам.

5. Обрежан сум кога сум имал осум дена, Израелец сум по раѓање, од племето на Бинјамин - чистокрвен Евреин. Им припаѓав на фарисеите, што подразбира стриктно придржување кон верските закони.

6. Бев толку ревносен, што дури ги прогонував христијаните. Толку колку што човек може да биде праведен со почитување на заповедите од верскиот Закон, јас беспрекорно се придржував до нив.

7. Но сите тие нешта што порано толку многу ми значеа, сега, кога верувам во Христос, ги сметам за безвредни.

8. И уште повеќе, сметам дека се е рамно на загуба во споредба со таа скапоцена придобивка: да се познава Исус Христос, мојот Господ. Заради Него се откажав од сите тие телесни вредности и ги сметам за обичен смет. Христос е се што ми треба.

9. Со Него сакам да бидам, не преку моја сопствена праведност, што би произлегувала од придржување кон верскиот Закон, туку преку праведност што се добива заради вера во Христос, праведност што доаѓа од Бог, врз основа на вера.

Прочитајте целосна глава Филипјаните 3