Нов Завет

Евреите 8:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Најважното во ова излагање е дека нашиот Првосвештеник седи на најпочесното место на небото, од десната страна на Бог.

2. Таму Тој служи во Најсветото место, во вистинското светилиште изградено од Господ, а не од човечка рака.

3. Бидејќи секој свештеник треба да принесува дарови и жртви, така и нашиот Првосвештеник мора да има нешто да принесе.

4. Да беше Тој на Земјата немаше ни да биде свештеник, зашто овде има други свештеници кои принесуваат дарови, какви што бара Мојсеевиот Закон.

5. Но светилиштето во кое тие служат е само копија и сенка на она вистинското, кое е на небото. Кога Мојсеј се подготвуваше да го изгради светилиштето, Бог го предупреди: „Внимавај да го направиш точно според моделот што ти беше покажан овде на гората!“

6. А на нашиот Првосвештеник, Христос, Му беше доверена многу повозвишена служба од службата на оние што служат под старите закони, затоа што Тој гарантира за нас подобар завет со Бог, кој почива врз повозвишени ветувања.

7. Ако првиот завет беше беспрекорен, немаше да има потреба да биде заменет со втор завет.

8. Бог лично не беше задоволен од народот, па рече: „Ќе дојде ден кога со израелскиот и со јудејскиот народ ќе склучам нов завет,

9. поинаков од заветот што го бев склучил со нивните предци, кога водејќи ги за рака ги изведов од Египет. Тие го прекршија Мојот завет, па затоа и Јас им го свртев грбот.

10. Ова е новиот завет што јас ќе го склучам со израелскиот народ во тој ден: Јас, Господ, ќе ги ставам Моите закони во нивните умови и ќе ги запишам во нивните срца. Јас ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ.

11. Никој од нив повеќе не ќе треба да го учи соседот свој или братот свој, велејќи му: ,Треба да Го запознаеш Господ‘, зашто сите ќе Ме познаваат, од мало до големо.

12. Ќе им ги простам нивните престапи и никогаш повеќе нема да ги спомнувам нивните гревови!“

13. Кога Господ зборува за Нов завет, тоа значи дека претходниот го прогласува за застарен. А се што е застарено и бескорисно набргу ќе исчезне!

Прочитајте целосна глава Евреите 8