Нов Завет

Евреите 6:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Затоа, да ги надминеме веќе еднаш основите на христијанското учење и да се стремиме кон духовно созревање. Нема потреба повторно да ги поставуваме темелите за обраќање од мртвите дела, за верата во Бог,

2. за крштавањето, за полагањето раце, за воскресението на мртвите и за Вечниот суд.

3. Ајде да напредуваме, со Божја помош!

4. Зашто, за луѓето кои еднаш веќе биле просветлени и вкусиле од небесниот дар, се придружиле кон делото на Светиот Дух,

5. ја вкусиле добрината на Божјата порака и силата на идниот свет,

6. а потоа Му го свртеле грбот на Бог, нема можност одново да се покајуваат. Таквите луѓе одново Го распнуваат Божјиот Син и јавно Го срамотат!

7. Ако почвата, откако ќе го впие дождот што често врне врз неа, му роди добра жетва на оној што ја обработува, таа ќе биде благословена од Бог.

8. Но ако раѓа само трње и боцки, таа е бескорисна и Бог наскоро ќе ја проколне и ќе ја запали!

9. Но, иако зборуваме вака, драги мои, ние сепак веруваме дека ова не се однесува на вас. Уверени сме дека вас ве очекува нешто многу подобро, нешто што доаѓа со спасението.

10. Бог не е несправедлив и нема да заборави колку напорно работевте за Него, колку љубов покажавте спрема Него, помагајќи им на другите христијани и порано, а и сега.

Прочитајте целосна глава Евреите 6