Нов Завет

Евреите 3:12-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Внимавајте, драги пријатели христијани! Не дозволувајте вашите срца да станат зли и да се исполнат со невера, па да отпаднете од Живиот Бог!

13. Напротив, секојдневно, охрабрувајте се еден со друг се додека има време кое може да се нарече ,денес‘, за да не бидете измамени од гревот и да станете нечувствителни.

14. Ако цврсто и докрај веруваме онака како што верувавме на почетокот, ќе имаме удел во се што Му припаѓа на Христос.

15. Не заборавајте го предупредувањето: „Ако денес го слушнете Божјиот глас, не стврднувајте ги вашите срца, како оние Израелци што кренаа бунт против Бога“.

16. Кои беа тие луѓе што го слушнаа Божјиот глас, па се побунија против Него? Зар тоа не беа сите оние што излегоа од Египет под водството на Мојсеј?

17. Кои беа луѓето што го гневеа Бога четириесет години? Зар не беа тоа оние што згрешија, чии тела останаа во пустината?

18. Против кои луѓе Бог се заветува дека тие никогаш нема да влезат во местото на Неговото спокојство? Против оние што беа непослушни!

19. И така, гледаме дека не им беше дозволено да влезат во Неговото спокојство поради тоа што немаа вера.

Прочитајте целосна глава Евреите 3