поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28

Нов Завет

Дела Ап. 1 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги Теофиле, во мојата прва книга ти го опишав сето она што Исус го правеше и поучуваше од почетокот,

2. па се до денот кога се вознесе на небото. Пред да се вознесе, им даде упатства на апостолите што ги беше одбрал во содејство со Светиот Дух.

3. Во текот на четириесет дена, по Неговото распнување, Исус повеќепати се појавуваше пред Своите апостоли со што недвосмислено им докажа дека навистина е жив. Тогаш им зборуваше за Божјото царство.

4. На една од тие средби, додека јадеа заедно, им ги даде следниве упатства: „Не заминувајте од Ерусалим се додека небесниот Татко не ви го прати Светиот Дух, Кој ви го вети. Јас уште отпорано ви го кажав тоа.

5. Јован Крстител крштаваше во вода, но по неколку дена вие ќе бидете крстени во Светиот Дух.“

6. Додека апостолите беа со Исус, честопати Го прашуваа: „Господе, сега ли ќе го ослободиш Израел и ќе го возобновиш нашето царство?“

7. Тој им одговори: „Времето и датумите ги определува небесниот Татко и не сметал за потребно вам да ви ги кажува!

8. Но штом Светиот Дух ќе слезе врз вас, вие ќе добиете сила и ќе им проповедате за Мене на луѓето во Ерусалим, во цела Јудеја, во Самарија, и се до крајот на Земјата.“

9. Откако им го рече ова, пред нивните очи Исус почна да се подига кон небото и тие Го гледаа се додека облак не Го скри од нивните погледи.

10. Додека тие со вперени погледи кон небото гледаа како Тој заминува, пред нив се појавија двајца мажи облечени во бело,

11. и им рекоа: „Галилејци, зошто стоите и зјапате во небото? Истиот Исус, Кој пред вашите очи се вознесе на небото, повторно ќе дојде, на истиот начин на кој и замина!“

12. Тогаш апостолите се вратија во Ерусалим. Ова се случуваше на ридот наречен Маслинова Гора. Тој рид е близу до Ерусалим, на оддалеченост помала од еден километар.

13. Влегоа во градот и отидоа во горната соба на куќата каде што редовно престојуваа. Таму беа: Петар, Јован, Јаков, Андреј, Филип, Тома, Бартоломеј, Матеј, Јаков (синот на Алфеј), зилотот Симон и Јуда (синот на Јаков).

14. Сите овие луѓе сложно и редовно се собираа и заедно се молеа. Со нив беа и: Марија (мајката на Исус), повеќе други жени и браќата на Исус.

15. По неколку дена се собраа околу сто и дваесет Христови следбеници. Петар стана и им се обрати:

16. „Драги пријатели христијани! Уште пред неколку столетија, Светиот Дух ја претскажа судбината на Јуда Искариот, преку зборовите искажани од царот Давид, запишани во Светото Писмо. Значи, тоа што се случи со Јуда, предводникот на оние што го уапсија Исуса, беше претскажано и мораше да се исполни,

17. иако Јуда беше еден од нас и работеше заедно со нас.“

18. (Со парите што ги доби за предавството на Исус, Јуда си купи нива. Потоа таму се обеси, па падна сред неа, распукнувајќи се, при што целата утроба му се истури.

19. За ова дознаа сите жители на Ерусалим, па таа нива ја нарекоа Акал-Д’ма, што на нивниот јазик значи ?Крвна нива‘.)

20. „Во книгата на псалмите стои запишано: ,Домот да му се запусти, никој во него да не живее!‘ и ,Службата негова друг нека ја преземе!‘

21. Затоа треба да одбереме човек што ќе го замени Јуда. Тоа треба да биде некој што беше со нас во текот на целото време, откако Господ Исус дојде, па се додека си замина,

22. некој што беше со нас откако Јован Крстител Го крсти Исуса, па се до денот кога Исус се вознесе на небото. Тој човек треба да биде и очевидец на воскреснатиот Исус, како што сме и ние.“

23. Тогаш предложија двајца: првиот беше Јосиф Барсаба, познат и како Јуст, а вториот беше Матија.

24. Пред да го извршат изборот, се помолија вака: „Господе, ти знаеш што лежи во срцето на секој човек. Покажи ни кого си го одбрал од овие двајца

25. да биде апостол наместо Јуда, кој не изневери и заврши таму каде што припаѓа.“

26. Потоа со ждрепка го одбраа Матија, кој им се приклучи на останатите единаесет апостоли.