поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13

Нов Завет

2 Коринтјаните 12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Иако фалењето не е добро, сакам да ви раскажам за виденијата и откровенијата што ги добив од Господ.

2. Пред четиринаесет години бев однесен на третото небо. Дали бев грабнат сосе тело, или само мојот дух, не знам. Тоа Бог го знае.

3. Бог знае дали грабнувањето беше сосе тело, или само на духот, но знам дека се случи.

4. Бев грабнат и однесен во рајот. Таму чув работи што не можат да се искажат, а и не ми беше дозволено да ги кажувам.

5. Со таквото доживување можам да се фалам, а со самиот себе не можам да се фалам, освен да признаам дека сам по себе сум немоќен.

6. Кога би сакал да се фалам, има многу работи со кои би можел да се пофалам, и тоа не би било неразумно, бидејќи е вистина. Но ќе се воздржам од фалење. Не сакам некој да стекне повисоко мислење за мене од она што го добива гледајќи ме и слушајќи ме.

7. Но, за да не станам премногу горделив поради многубројните откровенија што ги добив од Бог, ставен ми е трн во телото, сатански ангел, кој ме измачува и така ме држи во понизност.

8. Трипати во агонија Го молев Господ да ме ослободи од него,

9. но Тој ми рече: „Ја имаш Мојата благонаклоност и тоа ти е доволно! Мојата сила најдобро се забележува во твојата немоќ!“ Затоа, смело ја признавам својата немоќ зашто така станува очигледно дека Христовата сила работи преку мене.

10. Затоа, заради Христос, јас смело ги поднесувам немоќта, навредите, маките, прогоните и тешкотиите. Бидејќи, кога јас сум најнемоќен, Господ преку мене дејствува најмоќно!

11. Почнав неразумно да зборувам, но вие ме принудивте. Вие требаше да ме фалите! Иако и јас сум никој и ништо, сепак во ништо не заостанувам зад тие ваши ?големи апостоли‘.

12. Додека бев кај вас, ви дадов доволно докази дека јас навистина сум апостол испратен од Бог. Со голема стрпливост ви беа покажани многу видливи докази, чуда и големи дела.

13. Во што бевте запоставени во споредба со другите цркви, освен што не ви бев на товар и издршка? Простете ми што во тоа сум ве ?онеправдал!‘

14. Еве, готов сум и по третпат да дојдам кај вас. Нема да ви бидам на товар, зашто не барам ништо материјално од вас. Вие сте ми важни. Впрочем, не се децата тие што треба да обезбедуваат храна за родителите, туку обратно: родителите ги хранат децата.

15. Од моја страна, јас со задоволство ќе потрошам се што имам, па и самиот себе ќе се потрошам, за да ги нахранам вашите души. Но се чини дека, колку повеќе јас ве засакувам, толку помалку вие мене ме сакате.

16. Нека биде така. Ќе се согласите дека со ништо не ви бев на товар. Некој може да рече: „Беше таков за лукаво, со измама да не придобие!“

17. Дали јас или некој од оние што ги испраќав кај вас ве искористувале?

18. На моја молба Тит дојде кај вас, придружуван уште од еден брат. Зар Тит ве искористуваше? Зар тој не оди по моите стапки? Зар и него не го водат истите мотиви што ме водат и мене?

19. Можеби ќе си помислите дека ние сега сакаме да се правдаме пред вас. Не! Ви зборуваме како Христови слуги и знаеме дека Бог не слуша. Се што правиме, драги пријатели, е за да ве изградиме.

20. Се плашам дека, кога ќе дојдам кај вас, нема да ве затекнам онакви какви што сакам да бидете, поради што ни јас спрема вас нема да бидам онаков каков што вие би сакале да бидам. Се плашам дека меѓу вас ќе затекнам кавги, љубомора, лутина, соперништво, озборувања, омаловажувања, самобендисаност и безредие.

21. Страхувам Бог да не ме посрами пред вас, зашто многу ќе се нажалам поради оние што порано грешеле, а досега не се покајале за неморалот, блудот и развратот што ги направиле.