Нов Завет

1 Тимотеј 5:11-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. Помлади вдовици не ставај на списокот. Ако телесните страсти ја надвладеат нивната посветеност спрема Христос, тие ќе посакаат повторно да се омажат.

12. Така ќе го прекршат ветувањето што претходно го дале.

13. Освен тоа, тие можат да станат мрзливи и да им стане навика да одат од куќа во куќа. Не само тоа, туку можат да почнат да озборуваат, да прават сплетки и да зборуваат работи што не им прилегаат.

14. Затоа, мој совет е помладите вдовици повторно да се омажат, да раѓаат деца и да се грижат за сопствените семејства. Така противникот ќе нема повод да ги клевети.

15. За жал, некои вдовици веќе скршнаа и му станаа следбенички на Сатаната.

16. Ако некоја христијанка има роднини што се вдовици, нека им помага, а не да ги остава на товар на црквата, која треба да им помага на оние вдовици за кои нема кој да се грижи.

17. Старешините на црквата што добро си ја вршат работата заслужуваат да добиваат двојно поголема плата, посебно ако проповедаат и поучуваат.

18. Така вели и Светото Писмо: „Не врзувајте му ја муцката на добичето што врши жито“, и „Секој што работи, заслужува да добие и плата.“

19. Ако некој сака да обвини старешина во црквата мора да има најмалку двајца или тројца сведоци. Во спротивно, немој да го слушаш.

20. Оние што грешат, искарај ги јавно, па и другите да извлечат поука.

21. Пред Бог, пред Исус Христос и пред светите ангели, најсериозно те задолжувам да се придржуваш до упатствата што ти ги дадов! Немој да правиш дискриминација и да бидеш пристрастен!

Прочитајте целосна глава 1 Тимотеј 5