Нов Завет

1 Солунјаните 2:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Вие, драги мои, знаете дека нашето доаѓање кај вас не беше загубено време.

2. Знаете како настрадавме и како не навредуваа во градот Филипи, пред да дојдеме кај вас. Сепак, Бог ни даде храброст, наспроти силното противење, и вам да ви ја пренесеме Неговата Радосна вест.

3. Тоа што ви го проповедавме не произлегува од заблуда, ниту пак е со нечисти мотиви, или со измами.

4. Зборуваме онака како што Бог бара од нас, зашто Тој не провери и утврди дека може да ни го довери проповедањето на Радосната вест. Затоа ние зборуваме, не со намера да им угодуваме на луѓето, туку да Му угодиме на Бог, на Оној што ги проверува мотивите на нашите срца.

5. Добро знаете дека ние не се обидовме да ве придобиеме со подмилкување. Бог ни е сведок дека не дојдовме кај вас со подмолна алчност за богатење.

6. Не бараме ни признание од луѓето: ниту од вас, ниту од други луѓе.

7. Како апостоли на Христос можевме да ви поставуваме разни барања, но ние многу внимателно се однесувавме со вас, како мајка доилка што со нежност се грижи за своите дечиња.

8. Толку ни станавте мили, толку се приврзавме спрема вас, што бевме решени не само да ви ја пренесеме Божјата Радосна вест, туку и душите свои да ги дадеме за вас.

9. Впрочем, драги пријатели, потсетете се како ние работевме и се трудевме. Ден и ноќ работевме за својата издршка, за да не му бидеме на товар на никого од вас додека ви ја проповедавме Божјата Радосна вест.

10. Вие и Бог сте ни сведоци дека нашето поведение спрема вас христијаните беше искрено, праведно и беспрекорно.

11. Знаете дека спрема секого од вас се однесувавме онака како што татко се однесува спрема своите деца.

Прочитајте целосна глава 1 Солунјаните 2