поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5

Нов Завет

1 Солунјаните 1 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Од Павле, Силван и Тимотеј до членовите на црквата во Солун, до оние што Му припаѓаат на Бог Таткото и на Господ Исус Христос. Бог нека ви биде благонаклонет и нека ви даде мир.

2. Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви.

3. Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос.

4. Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ,

5. затоа што Радосната вест не ви ја проповедавме само преку зборови, туку бевте сведоци на огромна сила: Светиот Дух наполно ве увери дека тоа што ви го говоревме е вистина. Вие знаете како живеевме додека бевме кај вас. Тоа беше дополнителен доказ дека нашата порака е искрена.

6. Вие сега се однесувате онака како што се однесуваме ние и како што се однесува Господ, па, иако многу настрадавте, со радост ја прифативте пораката што доаѓа од Светиот Дух.

7. Така им станавте пример на сите христијани во Македонија и Ахаја.

8. Не само што од вас почна да се шири пораката Господова во Македонија и Ахаја, туку за вашата вера насекаде се раскажува! Нема никаква потреба ние за тоа да зборуваме.

9. Самите луѓе раскажуваат за вас, како сте ги пречекале, како сте се обратиле кон Бог и сте престанале да им служите на идолите, за да Му служите на вистинскиот, на живиот Бог;

10. и како го чекате Неговиот Син Исус да дојде од небото. Него Бог Го воскресна од мртвите и Тој не избави од Божјиот гнев што ќе дојде.