поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16

Нов Завет

1 Коринтјаните 8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. А сега, во врска со храната принесена како жртва на идоли. Сите ние имаме некое знаење. Но знаењето создава горделивост, а љубовта е таа што изградува.

2. Ако некој мисли дека многу знае, тој се уште не знае колку што треба да знае.

3. Бог ги познава и ги признава за Свои само оние што имаат љубов спрема Него.

4. Во врска со јадењето на храна што е принесена како жртва на идоли, сите ние знаеме дека идолите не се богови. Постои само еден единствен Бог и освен него друг бог нема.

5. За некои луѓе постојат многу „богови“ и господари, и на небото, и на Земјата.

6. Но ние имаме само еден Бог, нашиот небесен Татко. Тој е Создателот на се и ние за Него живееме. Имаме само еден Господ, и тоа е Исус Христос. Се е преку Него создадено, вклучувајќи не и нас, луѓето.

7. Но ваквото знаење го немаат сите. Некои луѓе се навикнати да почитуваат идоли и да јадат храна принесена како жртва, со што си ја опогануваат својата слаба совест.

8. Храната нема да не приближи до Бог: ништо не губиме ако не јадеме, и ништо не добиваме ако јадеме!

9. Само внимавајте, слободата што ја имате да не им стане повод за духовно разочарување на оние што не се доволно утврдени во христијанската вера.

10. Еве што може да се случи: некој христијанин, што смета дека е погрешно да се јаде оваа храна, може да те види во идолски храм како јадеш од принесената храна. Иако ти не го правиш тоа затоа што веруваш во идоли, твојот пример може да го поттикне тој човек да постапи спротивно на својата совест, па и тој да почне да јаде храна принесена како жртва на идоли.

11. Иако ти имаш правилно знаење, твојот пример може да влијае погубно врз друг христијанин. А Христос умре и за него!

12. Грешејќи така против другите христијани, ранувајќи ја нивната слаба совест, вие, всушност, грешите против Христос.

13. Затоа, ако храната што ја јадам наведува некој од моите пријатели да направи грев, ќе престанам да јадам месо до крајот на мојот живот! Не сакам јас да бидам причината некој од моите пријатели христијани да биде наведен на грев!