Нов Завет

1 Јован 4:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Драги мои, не верувајте му на секој што тврди дека во себе го има Божјиот Дух. Проверувајте дали духот што е во нив е од Бога, бидејќи по светот се појавија многу лажни пророци.

2. Вака ќе проверите дали некој во себе го има Божјиот Дух: ако проповеда дека Исус Христос дојде во човечко тело, тој е од Бога.

3. Секој што не Му оддава признание на Исус, не е од Бога, туку е од Антихристот. За Антихристот сте слушнале дека ќе дојде. Тој е веќе присутен во светот.

4. Чеда мои, вие Му припаѓате на Бог и веќе ги победивте овие непријатели. Божјиот Дух што е во вас е посилен од духот што е во световните луѓе.

5. Тие луѓе му припаѓаат на овој свет. Световно зборуваат и светот ги слуша.

6. Ние, пак, Му припаѓаме на Бог. Тие што Го знаат Бога, не слушаат, а тие што не се на Божја страна, не не слушаат. Така распознаваме дали некој е со Духот на вистината или со духот на заблудата.

7. Драги мои, треба да се сакаме еден со друг, бидејќи љубовта доаѓа од Бог. Секој што ги сака луѓето докажува дека е Божјо чедо и дека Го познава Бога.

8. Оној што не ги сака луѓето докажува дека не Го познава Бога, бидејќи Бог е љубов.

9. Бог ја докажа Својата голема љубов спрема нас, испраќајки Го на овој свет Својот единствен Син, за ние да добиеме вечен живот преку Него.

10. Тоа е вистинска љубов. Не дека ние го сакавме Бога, туку Бог нас не сакаше и Го даде Својот Син како помирителна жртва за нашите гревови.

11. Драги мои, штом Бог покажа толкава љубов спрема нас, и ние треба да се сакаме еден со друг.

12. Никој никогаш не Го видел Бога, но ако еден со друг се сакаме, покажуваме дека Бог живее во нас и Неговата љубов целосно ќе се искаже преку нас.

13. Бог ни го даде Својот Дух како доказ дека сме во Него, а Тој во нас.

14. Со свои очи видовме и им сведочиме на луѓето дека небесниот Татко Го испрати Синот, Исуса, да биде Спасител на светот.

15. Секој што го прифаќа Исуса како Божји Син, го има Бога во себе, а и тој е во Бога.

16. Сега знаеме колку многу Бог не сака и имаме доверба во Него. Бог е љубов! Секој што ги сака луѓето е во единство со Бога, а и Бог е во него.

Прочитајте целосна глава 1 Јован 4