Стар Завет

Нов Завет

Захарија 14:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Ете, доаѓа Господовиот ден кога ќе биде поделен пленот сред тебе.

2. И ќе ги соберам сите народи во Ерусалим во борба. И ќе го заземат градот, и ќе ги ограбат куќите и ќе ги изнасилат жените. Половина од градот ќе отиде на заточение, но остатокот нема да биде истребен од градот.

3. Тогаш Господ ќе излезе и ќе се бори против тие народи како што Тој знае да војува во воен ден.

4. Во оној ден, Неговите нозе ќе стојат на Маслиновата Гора што е спроти Ерусалим, на исток. И ќе се распука Маслиновата Гора по средина, меѓу исток и запад, во голема долина: едната половина ќе се измести кон север, другата кон југ.

5. И ќе побегнете во долината на Мојата Гора, зашто Долината на Гората ќе се простира до Асал и вие ќе избегате како што бегаа од земјотресот во деновите на Озиј, јудејскиот цар. Тогаш ќе дојдат Господ, Мојот Бог, и сите свети со Него.

6. Во оној ден не ќе има светлина ни мраз ни горештина.

7. Тоа ќе биде чудесен ден - Господ го знае - ни ден ни ноќ; и за време на темнина ќе биде светло.

8. Во оној ден жива вода ќе потече од Ерусалим, половина кон Источното Море, половина кон Западното Море. Така ќе биде и лете и зиме.

9. И Господ ќе биде Цар над сета земја. Во оној ден Господ ќе биде единствен и Неговото име единствено.

10. Сета земја ќе се претвори во рамница, од Гаваја до Негевскиот Римон. А Ерусалим ќе се возвиши на своето место; и ќе биде населен од Венијаминовата Врата до Првата Врата, односно до Аголната Врата, и од Ананеиловата Стражарница до Царевите Линови.

11. Пак ќе се живее во него, и веќе не ќе има проклетство; Ерусалим ќе живее во безопасност.

12. А еве со која рана Господ ќе ги удри сите народи кои ќе завојуваат против Ерусалим: месото ќе им се распаѓа додека бидат на нозе; очите ќе им гнијат во очните дупки, јазикот ќе гние во устата.

13. Во оној ден ќе настане меѓу нив силен смут од Господа; едниот ќе го фаќа другиот за рака, и раката на едниот ќе се крева против другиот.

14. И Јуда ќе се бори во Ерусалим. Тука ќе се соберат богатствата на сите околни народи: злато, сребро, облека во големо изобилство.

Прочитајте целосна глава Захарија 14