Стар Завет

Нов Завет

Втзакон. (5 Moj.) 6:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. „Ова се заповедите, законите и одредбите за кои Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве поучам во нив, за да ги вршите во земјата во која што одите да ја земете во сопственост

2. за да се боиш, во текот на целиот свој живот, од Господа, од својот Бог, ти, твојот син и синот на твојот син, вршејќи ги сите Негови закони и сите Негови заповеди што ти ги повелам, па да имаш долг живот.

3. Слушај, Израелу, пази ги и врши ги, за да ти биде добро и за да се размножиш во земјата во која течат мед и млеко, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.”

4. „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!

5. Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила!

6. Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето.

7. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш.

8. Врзи ги на својата рака за знак, и нека ти бидат како запис меѓу очите!

9. Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите врати!

10. А кога Господ, твојот Бог, ќе те доведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци, на Авраама, на Исака и на Јакова, дека ќе ти ја даде тебе: - со големи и убави градови, што не ги ѕидаше;

11. со куќи полни со секакво благо, што не си ги полнил; со ископани кладенци, што не си ги копал; со лозја и со маслинови градини, што не си ги садел - и кога јадеш и ќе се наситиш:

12. внимавај да не Го заборавиш Господа, Кој те изведе од Египетската Земја, од куќата на ропството.

13. Бој се од Господа, од твојот Бог; искажувај Му Нему почитување; заколнувај се во Неговото име.

14. Не одете по други богови, од боговите на другите народи што се околу вас.

15. Зашто Господ, твојот Бог, што стои во твојата средина, е ревнив Бог; гневот на Господа, на твојот Бог, би пламнал против тебе и би те истребил од земјата.

Прочитајте целосна глава Втзакон. (5 Moj.) 6